​[photo]

Алијанса за Албанците денеска го обвини градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и владејачката ДУИ за состојбата во која се наоѓа струшката Општа болница и нереализираното ветување за изградба на нов објект.

Беким Татеши, шеф на Комисијата за здравство во Алијанса за Албанците, на прес-конференција пред Општа Болница – Струга побара одговор од актуелниот градоначалник на прашањата кога и каде ќе се гради новата болница во Струга.

– Владејачката албанска партија и актуелниот градоначалник Рамиз Мерко заедно со други функционери од неговата партија ни ветија неколку пати дека ќе го поправат овој објект, дека ќе изградат нова болница во Струга, дека ќе ја распоредат болничката установа од срцето на градот. Но, како што можете да видите, се е оставено на место. Болницата е таму, во таква бедна и катастрофална состојба, предизвикувајќи хаос во секоја сфера од животот во нашиот град, забележа Татеши.

Тој обвини и за сечењето на дрвјата во дворот на болницата, каде беше поставен модуларниот Ковид-центар, прашувајќи кој гарантира за состојбата на, како што рече, пластичните бараки, дали Мерко дал дозвола за тие бараки и дали е направен соодветен технички прием.


– Дрвјата беа исечени и уништен единствениот парк во болницата и таму беа изградени модуларни објекти, ковид-центри од пластика, кои видовме како завршија во Тетово минатиот месец. Четиринаесет луѓе беа изгорени живи, се уште никој не одговорил, додека најлошото, нема гаранција дека истото не може да се случи и во други модуларни центри, како овој во Струга, рече Татеши.