Екипа на струмичкото комунално претпријатие откри и веднаш исчисти дива депонија на патот меѓу историскиот локалитет Цареви Кули и село Попчево.

Според ЈПКД „Комуналец" депонијата ја создале неодговорни граѓани кои на ова место исфрлиле најразличен отпад.

-И покрај секојдневните апели и предупредувања, работа на терен и чистење депонии од страна на ЈПКД Комуналец, некои граѓани продолжуваат со несовесното однесување и уништување на животната средина. Се надеваме дека надлежните институции со новиот Закон за јавна чистота ќе се потрудат секој прекршител да биде казнет, велат од комуналното претпријатие.

Додаваат дека им стојат на располагање на сите граѓани кои имаат отпад да го пријават на телефонскиот број 13-110 и во договор со службите отпадот во најскоро можно време ќе биде подигнат од пред нивниот дом.