Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов, денеска на прес-конференција во селото Куклиш најави целосна реконструкција на опожарениот дом на културата.

– Во нашата програма како капитална инвестиција е испланирана целосна реконструкција на Домот на културата, тука во Куклиш. За таа цел, досега е подготвена комплетна техничка документација и постои одобрение за градба. Сега, ред е проектот да биде реализиран. Според проектната програма во објектите се предвидени следните содржини: сала за приредби и претстави со сцена и гардероби за изведувачи, библиотека со читална, две простории за културно уметнички друштва, две канцеларии за вработените, клуб на пензионери, канцеларија на Месната заедница, кафетерија, санитарни простории и технички простории. Како што може да се види, концепцијата за Домот на Културата е по реконструкцијата овој објект да стане мулти‐функционален простор кој ќе го користат сите возрасти од Куклиш, рече Костадинов.

Додаде дека Куклиш е едно од најголемите населени места во струмичкото поле, во кое живеат жители, вредни и работливи домаќини кои се надалеку познати по земјоделските производи. Луѓето во Куклиш имаат златни раце и знаат како се негува и како се создава.

– За некого можеби земјоделието и културата не одат заедно, но куклишани отсекогаш знаеле да покажат и докажат на свој, специфичен начин како е овој спој успешен и негуван, со генерации. Доказ за ова е нивната гордост: Културно-уметничкото друштво „Браќа Минкови" кое идната година ќе одбележи нескромен јубилеј, 50 години од постоењето. Членовите на ова друштво имаат успешни настапи во земјата и странство, промовирајќи го македонскиот фолклор и специфичностите на народното творештво од струмичкото поднебје. Тие се навистина одличен пример како се сака Струмица, истакна Костадинов.

Тој на прес конференцијата најави уште еден голем инфраструктурен проект за селото Куклиш. Имено, во делот на зоната околу Домот на Културата и објектите кои се во непосредната околина се планира надополнување на постоечките зелени површини и дополнување со нови во форма на парковско уредување. На целата површина предвидено е уредување на инфраструктурата со пешачки патеки и поставување соодветна, урбана опрема.