„Во однос на економијата и економските зони, мислам дека голем исчекор се направи во Илинден со оглед на нашата местоположба како општина. Минатата Влада со развојот на технолошките индустриски развојни зони „Скопје 1“ и „Скопје 2“ направи сериозен и крупен исчекор и со тоа во голем дел односно најголем дел се реши и невработеноста“,истакна Александар Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Илинден во „Студио 10“ на 24ТВ.
Ѓорѓиевски додаде дека зоните привлекоа и домашни инвестиции, но и меѓународни. Така да има неколку економски зони кои што постојат во Илинден кои што треба дополнително да се развиваат.
„Голем дел од економските зони немаат добра инфраструктура, има доста нерешени прашања, особено гасификацијата која одамна ја исчекуваат. Сметам дека наредниот период ќе се фокусираме на тоа прашање, не ни треба преголема индустриализација т.е. отворање на премногу индустриски зони во Илинден, за тоа што сметам дека тоа во тој дел е добро сега засега. Како што реков можеби некоја индустриска зона на излезите на општината е потребно кај автопатот, каде што нема да биде многу на удар самата инфраструктура во општината. Таму ќе треба да посветиме поголемо влијание. На пример индустриската зона во потегот Марино – Кадино која што со времето се покажа дека не е на соодветно место, со оглед на тоа што имаме ситуација каде што многу тешки товарни возила поминуваат низ населените места и таму имаме проблем со уништување на патната инфраструктура“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека во неговата програма е предвидена и клучка кај делот Кадино – Бунарџик.