Изминатите четири години се работеше вредно и напорно. Кавадарци имаше силна поддршка од централната власт и затоа успеавме да реализираме голем број проекти, во вкупна вредност од 11 милиони евра.
Таа силна динамика мора да продолжи и понатаму, истакна денеска на прес-конференција кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Кавадарци Горан Тодоров.
Тој нагласи дека Кавадарци е една од најзагадените општини во земјава. -Токму поради ова, нашите клучни политики во наредниот период ќе бидат во насока на намалување на загадувањето и намалување на негативните ефекти од него. За таа цел ќе ги зголемиме зелените површини во градот, ќе поставиме зелени ѕидови на места кои се блиску до индустриски зони и места кои значително се загадени. Ќе стимулираме користење на велосипеди, електрични скутери, значително ќе ја засилиме контролата на компаниите кои загадуваат, ќе направиме регистар на загадувачи. Кавадарчани заслужуваат да живеат во здрава и чиста животна средина, најави Тодоров.
Тој рече дека Кавадарци исто така е еден од градовите каде не се врши третман на отпадните води. Најави дека третманот на отпадните води ќе биде трајно решен со изградба на пречистителна станица. Со тоа,како што рече, ќе се намали загадувањето на реката и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина.
Тодоров нагласи дека Кавадарци како индустриски град и како втор град во земјава според извозот, има насушна потреба од воведување природен гас. – Клучниот проект во наредните четири години ќе биде гасификацијата на општината Кавадарци. Примарната гасоводна линија изградена од Владата на Социјалдемократскиот сојуз, веќе поминува низ општината Кавадарци. Како нова локална власт, ќе ги поврземе со гас, институциите, компаниите, семејствата на територијата на општината, рече кандидатот за градоначалник.
Кавадарци, потсети тој, е земјоделски крај, во кој клучна земјоделска гранка е лозарството. -Со неа се занимаваат голем број семејства од општината. Нашата цел е да им помогнеме на кавадаречките земјоделци, да го подигнеме нивниот стандард. За таа цел ќе изградиме регионален откупен земјоделски центар. Овде ќе доаѓаат откупувачи од земјава и регионот. Целта е решавање на проблемот со откупот и цената на грозјето, додаде Тодоров.
Нашата цел е, рече, да ги задржиме младите овде. Да живеат, работат и творат во општината Кавадарци и да бидат клучните двигатели на развојот. Токму поради тоа најави отворање бизнис центри, за поттик на младите да бидат креативни и да отворат сопствени бизниси.