Европската Комисија денеска реагираше на извештаите за насилство врз бегалци и мигранти на границата помеѓу Босна и Хрватска и повтори дека насилните протерувања се нелегални, јави дописничката на МИА од Брисел.

Снимките и сликите кои се објавени во бројни светски медиуми изутринава и на кои се гледа дека бегалци на границата помеѓу Хрватска и Босна и Херцеговина се претепани со палки и насилно вратени назад ја натераа Европската Комисија да се огласи со остра реакција денеска.

– Европската Комисија се противи на какви било практики на насилно враќање и повтори многупати дека овие практики се нелегални, како и дека националните власти имаат обврска да ги истражат сите наводи, изјави портпаролот за внатрешни работи Адалбер Јанз.

Тој нагласи дека Европската Комисија добила докази од Европскиот Парламент и од Обединетите Нации дека на границата има насилство кон бегалците.

– Европската Комисија ќе направи сѐ што е во нејзина надлежност да помогне во справување со овие извештаи за нелегални активности на надворешните граници на ЕУ, рече портпаролот и додаде дека секоја злоупотреба на ЕУ фондови исто така мора да биде предмет на сериозна истрага со соодветни казни ако е потребно.

Ова не е првпат земјите-членки на ЕУ да бидат предмет на остри критики од јавноста и од Европската Комисија за начинот на кој ги третираат бегалците на надворешните граници на ЕУ.

Европската Комисија во својот последен предлог за заедничка мигрантска политика во ЕУ нуди и етаблирање на независно тело кое ќе ги набљудува наводите за злоставување на бегалци и мигранти. Овој предлог треба допрва да биде усвоен.