Ловџиите од Кичево и Кичевско, во првиот ловен ден имаа богат отстрел што е добар предзнак за успешна ловна сезона. Ловната сезона ќе трае до последниот викенд од месец јануари следната година или 22 дена, викенди и државни празници. Во овој период од ловната сезона, дозволен е лов на диви свињи, лисици и волци.
Трите ловечки друштва „Елен" од Кичево, „Еко Фазан" од Осломеј и „Сокол" од Зајас, целосно подготвени ја дочекаа ловната сезона со подмирени такси и со флуоресцентни елеци, кои се неопходни кога се оди на лов, а тука предничи најстарото и најбројно ловечко друштво од градот„ Елен" со околу 500 ловџии.
-Во неделата започна ловната сезона на крупен дивеч. За оваа сезона ќе се ловат, дива свиња, волк и лисица. Ловџиите од нашето друштво за да се стекнат со право легално да ловат, најпрво мораа да ја подмират таксата во износ од 5.000 денари. Исто така, сите ловџии се запознаени со правилата за ловство и задолжително носење на флуоресценти елеци кога се во шумата. Во првиот ловен ден ловџиите од нашето друштво имаа солиден отстрел и тоа е добар предзнак дека ќе имаме богата ловна сезона, вели Даме Петрски ловник во ова друштво.
Во текот на зимата и периодите со многу снег и ниски температури, ловечкото друштво се грижи и за прихранување на дивечот, за да не дојде до негово угинување и намалување на бројноста.
-Секој година ловечкото друштво „Елен", во текот на зимата кога има повеќе врнежи од снег или ниски температури, се грижи за прихранување на дивечот во регионот. На одредени хранилишта се остава зрнеста храна, слама и сол. Прихранувањето на дивечот се случува во повеќе наврати во текот на зимата, што е причина неговата бројност во природата да биде константна, додаде Петрески.
Инаку во општина Кичево постојат девет ловни региони, од кои на шест концесионер е ловечкото друштво „Елен", додека останатите ловни региони им припаѓаат на двете преостанати ловечки друштва.