Од вторник, 12 октомври, по пауза од почетокот на пандемијата, повторно почнува со работа Центарот за ран детски развој во населбата Иго Тричковиќ, соопштија денеска надлежните од кумановската градинка „Ангел Шајче". Оттаму ги информираа родителите дека за детални информации за престојот и згрижување на децата можат да се обратат во установата.

– Центарот за ран детски развој беше затворен со почнување на пандемијата. Родителите на децата од населбата пројавија интерес за овој центар повторно да биде отворен и ние како установа им излегуваме во пресрет и од наредната недела почнуваме со работа врз основа на поднесените барања во управата на установата. Сите заинтересирани жители на населбата кои имаат од услугата од згрижување на децата може да се јават во управата, да поднесат барање и по вадењето на потребната документација да склучат договор и веднаш децата да тргнат во центарот, изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.

За престој родителите не плаќаат никаква партиципација. За нив ќе се грижи стручен тим од градинката, а ќе се почитуваат ковид-протоколите наменети за детските градинки. Проектираниот капацитет во центарот е за две групи.

– Центарот за ран детски развој „Бамби" кај училиштето „11 Октомври" планираме да го претвориме во градински групи со групи со целодневен престој, за деца до шест години бидејќи се наоѓа близу до „Синоличка". Заинтересираните родители можат да се обратат за детални информации до управата. Според протоколите може да бидат опфатени 50 деца во овој центар, рече Алексовска.

Во кумановските градинки има запишано вкупно 1.195 деца.