Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја посети штипската касарна „Јане Сандански“, каде се наоѓа, како што рече, нашиот главен НАТО капацитет и изврши увид на армиските објекти кои се во фаза на целосно реновирање.

Активностите во поглед на сериозното реновирање на две згради од касарната, информира, се одвиваат според планот, забрзано и очекува да бидат завршени сите според предвидените рокови.

– Во Штип е сместена нашата неформално НАТО единица, сакаме да обезбедиме и подобри услови за работа на сите припадници. Освен зголемените плаои и додатоци, освен тоа што фокусот во опремувањето, вооружување, заштита, униформи, спортска опрема , беше ставен на единицата во Штип, ние и во поглед на вложувањето во инфраструктура покажуваме колку штипската единица и касарна ни се важни, изјави по извршениот увид министерката Шекеринска.

Информира дека се работи за целосно реновирање објекти, што се постари од 50 години и кои од стари и недоволно одржувани, ќе прераснат во модерни и енергетски ефикасни објекти, каде припадниците на Армијата, особено припадниците на Лесната пешадиска батаљонска група, ќе можат да работат во многу подобри услови.

Ќе се реновираат две згради, а во тек е реконструкцијата на првата, по што ќе се премине и на вториот објект. Целта е, нагласи Шекеринска, да не се загрози нормалниот процес на функционирање на единицата.

– Ќе добиеме повеќе од три илјади метри квадратни, целосно реновирани, модерни, енергетски ефикасни, со целосен противпожарен систем што ќе гарантира и зголемена безбедност. Целта ни е за неколку месеци да обезбедиме сосема нови услови за работа на оваа единица, изјави таа.

На овој начин, наведе министерката за одбрана, покажуваме што значи да се биде НАТО Армија, но пред се покажуваме колку државата си ги цени своите војници и офицери и колку ја променила својата политика во насока на финансирање на тоа што е најважно, а безбедноста и одбраната, беше децидна, немаат цена.

– Со ваквите објекти, со ова инвестирање и реконстукции во одбраната, покажавме дека го цениме нивниот труд, нивната жртва и нивната храброст, истакна Шекеринска.

Министерката за одбрана посочи дека не случајно во Штип е лоциран овој НАТО капацитет, Лесната пешадиска батањонска група, бидејќи се смета оти има и доволно младост и искуство, како и доволен број припадници на Армијата, подвлече, кои ќе можат да ги постигнат неопходните критериуми.

Главниот фокус во овој период и во поглед на персоналот, како и за опремување и квалитетни услови за работа бил Штип.

Според неа токму во Штип, можеме да видиме колку нашето членство индиректно влијае на подобрување на состојбите во Армијата и шансите што ги имјаат нејзините припадници. Нам ни беше стратегиски успех што после 30 години успеавме да станеме 30 членка на Алијансат, но ни беше уште поважно што покажавме дека со паметна политика, со вистински буџетски и политички одлуки, можеме да обезбедиме далеку подобри услови за работа во Армијата на РС Македонија.