Група членки на ЕУ побараа да се изменат прописите за Шенген-границата и да се овозможат „физички бариери“ како мерка за заштита на границата, се наведува во писмото до Европската комисија, во кое Еуроактив имаше увид.
Текстот насловен „Прилагодување на правната рамка на ЕУ кон новата реалност“ е испратен до потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и словенечкото претседателство со ЕУ.
Писмото е потпишано од Австрија, Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Грција, Унгарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Словачка, а е испратено пред денешниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург.
Се очекува во Луксембург да се разговара за зајакнување на надворешните граници на ЕУ и пристигнување на мигранти.
– Последните случувања на надворешните граници на ЕУ укажуваат дека Унијата мора да ја прилагоди сегашната правна рамка на новата реалност за да ни овозможи соодветно решавање на обидите за инструментализација на илегалната миграција за политички цели и други хибридни закани, пишува во заедничкото писмо на 12 министри за внатрешни работи на ЕУ.
Голем број илегални мигранти почнаа да ја минуваат границата со Белорусија и да влегуваат во Литванија, Летонија и Полска, што се сметаше како еден вид хибридна војна на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
– За да се овозможи интегритет и нормално функционирање на Шенген зоната, нашите надворешни граници мора да бидат максимално безбедени, се вели во писмото.
Иако некои членки усвоија одлучувачки мерки на национално ниво, потписниците укажуваат дека е потребно заедничко решение на ниво на ЕУ за борба против инструментализацијата на илегалната миграција и другите хибридни закани.
– Физичките бариери се чини дека се ефикасна мерка за заштита на границите, која е во интерес на ЕУ како целина, а не само за земјата членка каде прво се влегува, истакнаа министрите, додавајќи дека „оваа легитимна мерка треба да биде дополнително и соодветно финансирана од ЕУ буџет како приоритетно прашање.
Сегашните регулативи не предвидуваат физички бариери како мерка за заштита на надворешните граници на ЕУ, туку само поддршка на Унијата за системите за гранична контрола на земјите членки.
Потписниците наведуваат дека, заедно со измените на прописите за Шенген зоната, и политиката на ЕУ за миграција и азил „мора да биде отпорна на злоупотреби“.
Министрите предупредија дека не постојат јасни правила што може да направат членките во случај на хибридни напади во вид на вештачки создаден голем прилив на илегални мигранти.
– Ниту една трета земја не треба да може да го користи нашиот систем на азил како средство за политички притисок и уцени кон ЕУ и нејзините членки, или да ја искористи моменталната ситуација во Авганистан, велат министрите од 12 земји-членки.
Тие ја повикаа Европската комисија да претстави соодветни законски предлози до крајот на годинава.