Нема да има повеќе заборавени населби, сите оние населени места кои беа заборавени во Скопје во овие четири години, а живеат во субстандардни услови, со посебна програма за Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати, ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден, порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје од Бутел.
Арсовска посочи дека скопјани и бутелчани заслужуваат да живеат во убав град и средени населени места, а кандидатот Дарко Костовски ќе има вистински поддржувач во градот и заедно ќе се реализира се она што е предвидено и зацртано со програмата.
-Ќе овозможиме да има гасификација за секое домаќинство и ќе се субвенционира приклучокот за истиот, а за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби, тоа е новиот булевар „Хрватска“,што исто така беше ветен, но не беше реализиран, а ние ќе го направиме, а истото ќе овозможи подобро и сигурно поврзување на општина Гази Баба со Бутел и Чаир, рече Арсовска.
Како дел од нејзината програма, таа предвидува изградба на натпатник од „Лазо Трповски“ до „Боца Иванова“, реконструкција на улицата „Александар Ударевски“, улица „Радишанска“, од „Боро Кралевски“ до последна 57-ца, улица „Бутелска“, како и кракот до булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“.
Арсовска истакна дека во градот ќе има дигитален паметен систем за функционирање, како и зголемување на субвенциите за електрични велосипеди и тротинети, а ќе нема затворена врата во Град Скопје за ниту еден граѓанин на Бутел.