Дел од македонските институции соработуваат со работниците и „Гласен Текстилец“, кога алармираат за кршење на работничките права, но со дел е потребна комуникација и решавање на проблемите, е заклучокот на Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ на денешната дебата „Институциите во интерес на работниците“ на петтата „Текстилијада“ во Штип.
-Но, она што мораме да го правиме е кога имаме некој проблем, којшто е системски мораме да го решаваме евентуално преку законско решение. Затоа и првпат имаме дебата овде во Штип во градот на текстилот да разговараме што тоа институциите и министерствата можат да направат што е можно повеќе, за да покажеме дека навистина еве законот функционира и се променуваат некои пракси, коишто кажавме дека можат да бидат злоупотребени и евентуално менување на законски регулативи, вели Ампева.
Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека како Влада можат да се пофалат што се направиле на темата работнички права во изминатите четири години, но и да слушнат директно што треба друго да направат.
-Она што за нас како Влада е важно да го кажеме на текстилните работници и работнички се важни за оваа Влада и се приоритет. Ние треба да се потсетиме каде почнавме од 2017 година, токму со Кристина бевме на една друга локација во Штип разговараме дали е голема работа и дали системот може да издржи ако се качи минималната плата од 9.000 на 15.000 денари. Денеска тоа е апсолвирано прашање, минималната плата е покачена и разговараме за други теми како да се унапредат правата на работниците, вели Маричиќ.
Посочи дека нивна заложба како Влада е да се оди чекор напред и да се унапредуваат правата на работниците и да имаат поквалитетен животен стандард.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на новинарско прашање зошто работодавците злоупотребуваат и исплаќаат плати на работниците под минималната вели дека тоа е поради тоа што веруваат дека можат да го изиграат системот, но тие како институција покажале дека постапуваат и тие злоупотреби ги обелоденуваат пред јавноста и работниците.
-Што се однесува за текстилната индустрија јас и вчера кажав дека имаме спроведено 19 контроли, по сите основи и по данок на додадена вредност, добивка, персонален данок. Дванаесет контроли се завршени и имаме соодветен наод за несоодветно постапување, односно несоодветно сметводствено работење. Имаме преземени дејствија од системот за присилна наплата и секако онаму каде што имаме евидентно даночно затајување имаме поднесено и кривични пријави, вели Лукаревска.
На петата Текстилијада, која е во организација на Гласен Текстилец-Штип се обратија и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчовска, кои се осврнаа на тоа дека во изготовка е новиот Закон за работни односи, а од 1 јануари 2022 година ќе почне да функционира и електронски инспектор.