Нема споредба помеѓу понудата на СДСМ и коалицијата и оние мрачни ликови од другата страна кои кога ветуваат нова иднина мислат на старото минато за да се дограбат до власт и да продолжат со криминал и да не одговараат. Мицкоски се издава дека е маската на Груевски, па почна да прави и шали и вицеви по теркот на неговиот ментор, изјави вечерва премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Охрид.

Тој додаде дека мислите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се хаотични и „се прашуваат што е нормално бидејќи се одлепени од реалноста“.

Според Заев тие се опасност за граѓаните и државата и опасно е да им се довери да водат општини и држава.

-Додека не се реформираат, ниту смеат да дојдат на власт, ниту ние ќе го дозволиме тоа, рече Заев.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на изборите нуди само магла и конфузни најави за некакви проекти, кои се неизвесни.

-Тие имаат намера да ги искомплицираат европските интеграции, односите со соседите, односите меѓу етничките заедници. Наводните проекти на ВМРО-ДПМНЕ се неизвесни, бидејќи иднината што ја најавуваат како нова е неизвесна и опасна. Видовме колку е опасна нивната иднина за државата, граѓаните, а и вие охриѓани особено видовте колку се опасни за Охрид, изјави Заев и додаде дека Охрид бил паднат под закана на долгата рака на режимските криминалци, кои една деценија ненаситно го грабале и распродавале на белосветски криминалци.