Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска заедно со кандидатите за советници и носителката на советничката листа за Куманово, Елена Доцевска-Божиновска остварија средба со бизнис заедницата на која ги слушнаа потребите на стопанствениците и ја презентираа програмата на кандидатот за градоначалник Тони Михајловски.

Во програмата за локалните избори предвидено е инфраструктурно и техничко доуредување на неформалните зони со што ќе се подобрат условите за стопанисување и ќе се зголеми нивната конкурентност на локалните компании на пазарот.

Мисајловски посочи дека програмата допира до секој граѓанин. Покрај инфраструктурата, во програмата на кандидатот има и проекти за инвестиции, нови зони, култура, помош за домашните компании.

– Ние знаеме дека странски инвестиции нема во Македонија или тоа е многу малку за македонскиот народ, но мора да ги помагаме и домашните компании, рече Мисајловски.

Во програмата е предвидено формирање на посебна канцеларија за инвеститори, инкубација и акцелерација на претприемачи и претприемачи почетници, креирање на интерактивна мапа на потенцијали за инвестирање во општината, како и влегување на индустриската зона Речица во системот на ТИРЗ.

Претходно, Мисајловски со кандидатите за советници посадија дрвца на локалитетот „Менкова колиба" и положија цвеќе на Спомен Костурницата.