Педесетина ученици од Кавадарци, Прилеп, Куманово и од Маврово-Ростуше во изминатите денови учествуваа на деветтото издание на филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ од своите училишта или домови.
Како што соопштија од фестивалот, учениците преку т.н Џифони-хабови ги следеа активностите на кадетите и сениорите, гледаа филмови, се вклучуваа во дискусиите, а учествуваа и на работилниците.
-Поради ковид-пандемијата фестивалот годинава мораше да го намали бројот на учесници во живо и затоа ја создаде оваа можност, сепак и ученици надвор од Скопје да бидат дел од магијата на „Џифони“. Реализацијата на работата на хабовите ја поддржа Мисијата на ОБСЕ во Скопје, соопштија од фестивалот.
Професорката Анита Бунеска од средното стручно училиште „Орде Чопела“ од Прилеп сподели дека учениците стекнале прекрасно искуство, а ова учество, како што рече, ќе помогне за развојот на филмската култура кај младите.
-Преку тематиката опфатена во прикажаните филмови, тие имаат можност да ги увидат проблемите на младите, кои понекогаш се приморани да бидат сведоци на многу непријатни и ужасни нешта, бидејќи се дел од социјално загрозени, дисфункционални семејства. Ова се корисни искуства, зашто има ученици од такви семејства кои вака увидуваат дека не се само осамени единки, кои имаат такви и слични проблеми и мораат сами да се борат во животот, се охрабруваат и излегуваат посилни во таа постојана борба за подобар живот, истакна професорката Бунеска.
Вредни учесници на Џифони-хабот беа и учениците од „Добри Даскалов“ од Кавадарци. Нивен координатор беше наставничката Фиданка Илова.
– Ова е единствен фестивал од овој вид, кој преку филмската уметност, на децата и младите им нуди различни теми за размислување и разговор, (емоции, односи во семејството, толеранција, родова еднаквост, врсничко насилство, дискриминација, општествени појави, климатски промени итн.), преку кои се олеснува дискусијата и разбирањето на некои појави и карактеристики што нѐ опкружуваат, и на тој начин им помага на младите и децата да ги прошират своите видици и да изградат свој став по некои прашања. Сѐ на сѐ, им се дава несекојдневна можност за размислување и сподeлување искуства на теми што можеби поинаку не би биле разговарани – вели Илова.
Од средното општинско училиште „Маврово-Ростуше“ од селото Ростуше на фестивалот учествуваа десет ученици од прва и втора година, а две групи од по десет ученика што следат настава на македонски и на албански јазик, учествуваа и од школото „Наце Буѓони“ од Куманово.
-Овие ученици првпат се сретнуваат со ваков настан и за нив тоа претставуваше ново искуство и предизвик. Содржините кои беа прикажани на настанот одговараа на нивната возраст и го отсликуваа предизвикот со кој се сретнуваат во секојдневниот живот. Видоа и примери како да се справат во одредени ситуации посебно кога ќе наидат на осуда од околината. Учениците беа задоволни од она што го видоа, покрај техничките проблеми кои повремено ги имаа, рече социологот Лидија Илијевска.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.