Кандидатот за градоначалник на Кичево од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Александар Јованоски во придружба на носителот на советничката листа Лазо Јаќимоски, оствари средба со претставници од Регионалната стопанска комора.
Тој ги презентира своите планови доколку биде избран за градоначалник.
-За вистински развој на нашата општина приоритет треба да се даде на производниот сектор, а не како досега во градот да доминира услужната дејност, локалите и маркетите. Ќе ги исполниме сите предуслови што ги бара производниот сектотор од ТИРЗ –овите, од инфраструктура до се што е неопходно за нормално функционирање. На тој начин ќе бидеме повеќе привлечни за инвеститорите, рече Јованоски.
Посочи дека во образованието треба да се создаваат соодветни кадри кои ќе бидат подготвени за вклучување во реалниот сектор, а за тоа ќе треба да има и соодветен професорски кадар.
Најави почести средби со бизнис заедницата со цел изворно запознавање со тековните проблеми, а во општината ќе се формираат комисии во кои ќе бидат вклучени и членови од бизнис секторот без право на глас, како и во советот на општината.
-Не можам, а да не го спомнам проблемот со кучињата скитници кои им создаваат многу грижи на локалните жители. Нема да биде прескокнат ниту еден сегмент од животот на граѓаните, кој им создава одредени проблеми – од инфраструктура до образование, здравство и се останато, рече Јованоски пред претставниците на бизнис секторот од овој град.