Во шесте општини во струмичко-радовишкиот регион за гласање на претстојните локални избори се пријавени само три лица заболени од Ковид-19, сите во Радовиш.
Според претседателката на ОИК Радовиш, Вера Димитриева, од пријавените тројца имаат одобрение за двајца, додека за третиот се чека одговор од ДСЗИ до кога му трае лекувањето.
Болните од коронавирусот своето избирачко право ќе остварат задутре, а за спроведување на гласањето се формира посебен избирачки одбор.
Инаку, во шесте општини во Струмичко и Радовишко се пријавени за гласање вкупно 1.348 болни и изнемоштени лица, од кои најмногу се во Општина Ново Село-390, потоа во Струмица-332, Босилово-232, Василево-231, Радовиш-125 и во Конче 38 избирачи.
Тие ќе гласаат на 16 октомври, еден ден пред одржувањето на локалните избори.