Во општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово во недела, во првиот круг од локалните избори, своето право на глас ќе може да го остварат вкупно 38.379 граѓани запишани во единствениот избирачки список.

Најмногу од нив, поточно 19.076 лица ќе гласаат во Општина Гевгелија, каде своето граѓанско право се пријавиле да го остварат уште 160 стари,изнемоштени и болни лица како и две лица болни од Ковид-19. Гласачкиот процес ќе се одвива на 37 избирачки места од кои, според претседателот на ОИК Гевгелија, Митко Ризов, во функција ќе бидат 36 од причина што во село Габрово се пријавени помалку од десет лица кои ќе гласаат на избирачкото место во соседното село Петрово.

Во Општина Валандово на локалните избори во недела право на глас имаат 9.992 граѓани кои ќе гласаат на 24 избирачки места. Покрај нив во гласачкиот процес се пријавиле да учествуваат уште 66 стари, болни и изнемоштени лица како и три лица болни од Ковид-19.

Во Општина Богданци ќе се гласа на 12 избирачки места на кои својот глас може да го дадат евидентираните 6.633 граѓани. За гласање на локалните избори се пријавиле уште 79 стари и болни лица и три лица заболени од корона вирусот.

Во најмалата општина во овој регион, Дојран, право на глас имаат 2.678 граѓани евидентирани во избирачкиот список кои граѓанското право ќе го остварат на 8 избирачки места. За гласање се пријавиле уште 36. стари и изнемоштени лица кои од страна на избирачките одбори ќе бидат посетени во нивните домови.