По повод 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во рамки на мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје“, распишува конкурс за новинарски текст на тема „Јазикот нашето културно богатство“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

Од Дирекцијата за култура и уметност соопштија дека авторските текстови треба да бидат без дневно-политички конотации.

Пристигнатите творби ќе конкурираат за три непарични награди. Секоја од трите награди мораат задолжително да бидат доделени на три од пристигнатите текстови.

Согласно критериумите, на конкурсот своите есеи можат да ги пријават новинари на медиумите, пред се од Скопје, но и новинари од медиумите во другите места на државата, кои се ангажирани во новинарството, било во работен однос, по договор на дело или новинари кои имаат хонорарен ангажман во електронските, во печатените, во радио-дифузните (ТВ-канали, радио-станици) и во интернет-медиумите (портали и блогови).

– Текстовите се испраќаат под полно име и презиме (без шифра или псевдоним) и со контактите на кандидатот (назив на медиумот за кој есеистот работи на новинарски задачи, телефон, имејл, придружени кон неговиот потпис). Сите овие податоци се испишуваат еден под друг, на крајната лева страна од самиот почеток на текстот. Секој автор може да учествува само со по еден текст, соопштија од Дирекцијата.

Како што посочуваат, во рамки на оваа тема испратениот текст треба да содржи и сопствен, специфичен наслов. Текстот треба да содржи од 400 до 500 зборови (не) сметајќи ги растојанијата, во фонт Аriel -12 со македонска поддршка. Текстовите на други теми, со дневно-политички потходи и оние кои го надминуваат спомнатиот обем нема да бидат земени предвид.

Новинарите од различни етнички припадности, есеите можат да ги испратат во верзија напишана на својот мајчин јазик (во фонт Аriel -12, со поддршка на соодветнот јазик) и – во продолжение на истиот фајл – со превод на македонски. – Текстовите се ипраќаат на мејл адресата „skleto@unet.com.mk“

Краен рок за испраќање на есеите е 15 ноември.

За резултатите од конкурсот учесниците ќе бидат известени веднаш по донесувањето на одлуката на Комисијата на овој конкурс, пред свеченото врачување на трите наградени трудови.

Наградите кои ќе ги изгласа тричлена Комисијата на конкурсот, во рамките на мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје“ свечено ќе бидат врачени.