Издавачката куќа „Феникс“ соопшти дека веќе се пристигнати повеќе од 300 авторски бајки на конкурсот за Меѓународниот фестивал на бајката, иако тој се уште не е завршен и ќе трае до 15 ноември 2021.

– На Конкурсот се пријавуваат и учествуваат автори од цел свет. Така, меѓу пријавените се и: Милутин Ѓуричковиќ (Србија), Аида Сечиќ Незиревиќ (Босна и Херцеговина), Јоланка Ковач (Војводина, Србија), Ана Билиќ (Хрватска), Мирослав Демак (Словачка), Петра Бауман (Словенија), Ранко Павловиќ (Република Српска), Ана Багрјана (Украина), Трајче Кацаров (Македонија) и многу други, информира „Феникс“.

Меѓународниот фестивал на бајката ќе се одржи на 22 декември 2021 во Скопје заедно со меѓународен научен собир за авторската бајка и ќе бидат избрани и наградени најдобрите авторски бајки.

По завршувањето на фестивалот, во план е да бидат објавени две електронски изданија: Антологија на авторски бајки и Зборник на научни трудови за авторската бајка.