Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани, изјави денеска на прес-конференција независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Според неа, Скопје мора да биде дигитализиран град, мора да има многу повеќе зеленило, и мора да биде град со среден и функционален сообраќај.
– Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Мора да ја врати солидарноста и хуманоста и да се посвети на своите граѓани. Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. Мора да биде град за сите, рече Арсовска, набројувајќиги осумте столбови на визијата за Скопје.
Арсовска детално ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје кои се произлезени од моменталните проблеми и недостатоци во функционирањето на градот.
– Отворен град значи да има 100% транспарентност и нула толеранција за корупција. Скопје мора да биде модерен европски град. Ќе има мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните. Со отворена канцеларија за граѓаните која ќе работи 24 часа секој ден, службите во градот ќе бидат вистински сервис на граѓаните 24, како во делот на услугите од градот, така и во делот на брзо решавање на конкретни проблеми на терен. Нема да има никаква толеранција за корупцијата и непотизмот во Скопје, а како градоначалник ќе воспоставам Омбудсман за транспарентност и ќе воведам задолжителен ветинг на директорите на јавните претпријатија и раководители на сектори. За сите одлуки континуирано ќе соработуваме со урбаните и месните заедници, со општините, невладините организации, граѓанските иницијативи и директно, секојдневно со граѓаните, објасни Арсовска.
Врз столбот Зелено Скопје, таа посочи дека ќе се заштити зеленилото и значително ќе се намали загадувањето.
– Ќе се реализираат проекти за пет нови мега паркови. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја. Ќе иницираме заштита на Водно со закон. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, како и „зони за живеење“, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Ќе ги исчистиме дивите депонии во првите 82 дена од мандатот. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз. Ќе работиме на конечна реализација на гасификацијата. Ќе се формира зелен совет со експерти за животна средина и невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа екологијата и урбаниот хаос. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските или интервентните тимови ќе преземат акција веднаш, рече Арсовска.
За расчистување на сообраќајниот хаос, Арсовска ќе го создава Мобилно Скопје кое значи бесплатен јавен превоз и крај на сообраќајниот метеж.
– Нови 250 еко-автобуси ќе ја заменат старата флота и ќе го направат јавниот превоз поудобен и поеколошки. Проширувањето на мрежата на ЈСП и пократките интервали ќе го направат јавниот превоз побрз, поефикасен и подостапен за жителите на предградијата. Паралелно, патната инфраструктура ќе се подобри не само во градот, туку и во заборавените населби и селата околу Скопје. Ќе бидат реконструирани важните крстосници, но и ќе работиме на изградба на нови булевари со што секојдневниот сообраќаен метеж во Скопје ќе стане далеку помал проблем. Безбедните велосипедски патеки кон сите правци во градот, а не само низ централното јадро, ќе ги направат велосипедите вистинска алтернатива за брза и еколошка мобилност во нашиот град, изјави Арсовска.
Таа, воедно додаде дека Скопје го гледа како дигитален центар на Балканот бидејќи ја има најталентиранита младина кога станува збор за кодирање, софтверски инженеринг и информациска технологија што е дел од економијата на иднината. Во однос на создавање перспектива за младите луѓе, Арсовска во Скопје ќе отвори тренинг ИТ центар.