Ова е последен пат што Ви се обраќам пред да ја донесете Вашата одлука за локалните избори.
Најпрво, дозволете ми да Ви се заблагодарам. Ми беше чест што се сретнав со секој од Вас. Секоја стисната рака, секој искрен поглед, секоја Ваша критика и секој Ваш совет се мојата дополнителна мотивација за подобро Неготино. Благодарен сум на сите Вас.
Нашите деца се секое отчукување на нашите срца, за нив мораме да се бориме до последен здив. Мораме да изградиме подобар живот и подобра иднина за нив. Нашите родители, нашата потпора во животот се оние на кои мораме да им гарантираме спокојна старост. Ова е битката која мораме да ја извојуваме, ова е решавачката битка за нашето родно место.
Пред Вас заедно со мојот тим гарантирам дека во Неготино ќе се живее подобро. Веќе ги знаете моите проекти за кои се обврзувам како искрен човек каков што ме знаете. Сега, Ве повикувам и Ве охрабрувам да ја донесете правилната одлука, да излезете достоинствено и самостојно да гласате по свој избор и да ја донесете вистинската одлука. Не подлегнувајте на уцени, лаги, закани, притисоци и манипулации, кога веќе го знаете нивното владеење.
Моето родно Неготино го сакам колку и мојот дом, затоа ќе се грижам домаќински за мојата општина, за секое населено место.
Ве гледам во очи и ја барам вашата поддршка, да си помогнеме заедно и да ја создадеме нашата иднина. Се обврзувам и гарантирам дека ќе бидам градоначалник на сите Вас, без разлика на вашето политичко убедување, возраст, финансиска состојба, националност или занимање.
На 17-ти октомври да заокружиме број 7 за Градоначалник, број 7 за Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“.