Избраните советници во новиот состав на Советот на Општина Битола од независната листа „Поинаку" ќе иницираат создавање на нови зелени површини и остварување на правото на битолчани за субвенционирана струја.
Според Габриела Илиевска, носител на листата, со проектот „GO GREEN" Битола ќе биде зелена, секоја површина со кал наскоро ќе биде посеана со трева, сите дрвореди обновени, парковите пред зградите зелени.
– Секој битолчанец ќе има можност да учествува во најголемиот зелен проект на Битола, во соработка со јавните претпријатија, општината ќе обезбеди разновидни садници и семе за трева за сите заинтересирани граѓани. Нов градски парк со локација во Нова Битола, односно Брусничко – Лавчанска населба, затоа што со проширувањето на градот се наметна и потребата за изградба на нови паркови каде ќе бидат поставени забавно-рекреативни елементи за најмладите. Ќе покренеме иницијатива за измена на закон со кој битолчани ќе добијат поевтина субвенционирана електрична енергија, изјави Илиевска