Многу предизвици нè очекуваат во остварување на визијата за Шуто Оризари за следните 4 години, но лично сум подготвен бидејќи заедно со мојот тим ги поставивме темелите за развој на нашата општина, порача Курто Дудуш, предлог кандидат за градоначалник на движењето „Одлучно за промени“ на политичките партии ЛДП и ДОМ.

- Знаеме како почнавме, каде сме сега и како треба да продолжиме. И понатаму главни приоритети ќе ни бидат урбанизацијата на општината како предуслов за реализација на инфраструктурни проекти, капитални проекти, зелени проекти. Нудење на услови за развој на социјалното домување, нужно неопходно за решавање на статусот со домување на голем дел од граѓаните е веќе почнат проект кој ќе се реализира како прв проект, заедно со развојот на трговско-економската зона и привлекувањето на инвеститори со што ќе се намали стапката на невработени граѓани од општината, додаде кандидатот за градоначалник Дудуш.

Тој рече дека паралелно, ќе продолжат како и до сега со унапредувањето на условите во образовните институции, како клучен сегмент во развојот на следните генерации. Континуитетот на нивната работа значи загарантиран успех, бидејќи тие се во партнерство со граѓаните.

Завршната промоција на граѓанското движење на центарот на ЛДП и ДОМ e вечерва од 19:00 часот на плоштадот во Капиштец.

На настанот ќе говорат двајцата лидери на партиите, Горан Милевски и Маја Морачанин, како и кандидатот за градоначалник на Град Скопје Арбен Шаќири, кандидатот за градоначалник на Општина Центар Антони Новотни и носителите на советничките листи.