Горан Трајковски е првиот градоначалник во историјата на Делчево од независноста на државата, кој има освоено втор градоначалнички мандат во Општината.

Тој вечерва со партиското членство ја слави победата освоена на денешните Локални избори, освојувајќи, според партиските податоци, 4378 гласови, наспроти неговиот противник од опозициската ВМРО ДПМНЕ за кого гласаа 3621 граѓани.

Во својата изјава за медиумите Трајковски рече дека работи аналитика повеќе години и знаел дека изборите се на дофат поради што победата за него е очекувана.

– Се надевам и очекувам дека со истата и поголема енергија да го разубавуваме Делчево. Очекувам за уште две избирачки места ќе имаме мнозинство и во Советот и дека ќе работиме нормално, односно дека Советот нема да ги кочи одлуките на градоначалникот, туку ќе ги поддржува, за се да оди во развој на потребите кои ќе ги имаат граѓаните на Делчево, рече Трајковски.

Тој додаде дека победата е очекувано, бидејќи сето она што го сработи општината во изминатите 4 години се остварува.

Трајковски најави дека со истата енергија ќе работи и во наредниот мандат со што, според него, ќе го зголеми процентот на реализација на неговите проекти.