ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во 20-тина општини, а други влегува во вториот круг. Се чекаат резултатите за скопските општини Аеродром и Кисела Вода каде, според аналитичкиот центар на партијата, нивните кандидати се во водство.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција изјави дека очекуваат разликата на советничките листи да биде повеќе од 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. За Градот Скопје, како што рече, води независната кандидатка која тие ја поддржаа.

– Во повеќе од 50 општини очекуваме да го имаме мнозинство во Советот, вклучително и победа на градската листа во Скопје. Во првиот круг имаме повеќе од 20 градоначалници. Мислам дека е бројката со тоа што чекаме да се потврдат Кисела Вода и Аеродром, 20 општини сме првопласирани и во другите влегуваме во вториот круг со огромна можност за да победиме во вториот круг. Разликата на советничките листи очекуваме да биде повеќе од 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, рече Мицкоски.

Според податоците на аналитичкиот центар на партијата, во првиот круг победиле кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Сопиште, Бутел, Гази баба, Виница, Зрновце, Петровец, Илинден, Штип, Карбинци, Свети Николе, Велес, Градско, Босилово, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Могила, Новаци и Јегуновце.

Очекуваат во првиот круг да се заврши трката и во Аеродром и Кисела Вода каде, како што рече Мицкоски, нивните кандидати имаат огромно водство. Блиску до победа во првиот круг се и кандидатите за градоначалник на Гевгелија и Битола.

Во вториот круг влегуваат кандидатите за Македонски Брод, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Пехчево, Македонска Каменица, Кочани, Зелениково, Чешиново-Облешево, Лозово, Пробиштип, Кратово, ранковце, Радовиш, Конче, Ново Село, Василево, Демир Капија, Росоман, Ресен, Вевчани, Маврово-Ростуше, Демир Хисар, Брвеница.

– Ова е огромна победа на народот на Македонија, победа на гласот на обесправените, на тивкото мнозинство. Победи народот и покрај сите нерегуларности, притисоци, поткупи, изјави Мицкоски, додавајќи дека денешните резултати се првиот голем чекор до финалната победа. Ова е победа, но и одговорност. Нема да ве изневериме. Се што зборував во оваа кампања паметам добро и ќе го направиме заеднички, рече Мицкоски.