Поставените проекции како цел од страна на Левица, полека се остваруваат, изјави лидерот на ова политичка партија, Димитар Апасиев.

За разлика од минатите локални избори од 2017 година, истакна Апасиев, на овие избори Левица го задржува епитетот на најбрзо растечко левичарско движење во Европа.

– Имаме 15 пати поголем раст од минатите локални избори и четирикратен раст од парламентарните избори, со што сме единствена партија која што бележи тенденција на раст. Во поглед на пресекот на минатите избори каде што имавме само тројца советници, сега имаме советници во речиси 30-тина општини. Влегуваме со повеќе советници во Скопје, во Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Шуто Оризари, Битола, Велес, Богданци, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Куманово, Неготино, Прилеп, Охрид, Кочани итн. Евидентен е растот на Левица, ние сме задоволни од овие избори, тоа беше нашата примарна цел – Левица да влезе во советите, рече Апасиев.

Според него, кандидатите за градоначалници на Левица, секаде се трети и не влегуваат во вториот круг.

– Како партија и раководство ќе правиме анализи каде потфрливме, каде направивме добар скор. Општа тенденција е дека левичарското расположение во Македонија е во нагорна линија. Конечно е завршено долгоочекуваниот процес на пасокизација на СДС, и Левица го зазема сигурно приматот во левиот спектар. Хибридниот режим на Заев, е веќе на завршеток и тоа е добро општо како политика на ниво на држава, изјави Апасиев.

Што се однесува до бројот на советници во Советот на Град Скопје, Апасиев истакна дека очекуваат да имаат најмалку петмина, додека на ниво на држава, како што рече, се „во рамки на предвидените некаде 50-60 советници“.