Во Мултимедијалниот центар Мала Станица во Скопје вечерва ќе биде отворена шестата самостојна изложба на Лазе Трипков – „Pефлексии на новата реалност“, која се осврнува кон приоритетните проблеми на новото време.
-Преку оваа изложба ќе се обидам да иницирам дуел меѓу уметноста во галеријата, галерија како физички простор и галеријата во виртуелна реалност, изјави Трипков.
Како што посочува уметникот, посетителот ќе има директна можност покрај изложените плакати и сам да управува со содржината на делата.
-Преку посебно креирана платформа за виртуелна реалност, со помош на VR технологија секој ќе може да нурне во моите визуелни рефлексии, да ги обликува и да раководи со содржината, да ја модифицира, користејќи ги постојните форми од плакатите, истакна Трипков.
Според кураторот на проектот Ана Франговска, авторот во овие решенија допира една друга и поинаква димензија, димензија на дигитално процесираните идеи кои нудат инакви сензации и размисли.
-Но, тука предизвикот на Трипков не запира, иако ова е негова конфорна зона, бидејќи мошне вешто манипулира со алатките на својот I-book. Тој продолжува да нурка подлабоко во „новата реалност“ и новите можности, обидувајќи се своите дводимензионални графички концепти да ги трансформира во виртуелна реалност во која гледачот нема само да резонира и замислува дека влегува, туку виртуелно, со оптички помагала, и ќе влезе и ќе ја доживее компјутерски симулираната уметникова плакатска креација во 3Д искуство. Уште една парабола повеќе, е што Трипков одлучува да инкорпорира и интеракција, т.е. посетителот не само што ќе влезе 3Д во „неговиот свет“ туку и ќе го истражува и менува, посочува Франговска.
Таа додава дека оваа трансмедијалност, преод од една во друга медиумска репрезентативност, ги вклучува сите сетила и го зголемува нивото на адреналин, чинејќи го реципиентот постојано надразнет од искуствата кои му се нудат. “
Изложбата е поддржана од Министерството за култура, неколку приватни компании и поединци.