Тензиите и недовербата меѓу политичките актери го одбележаа периодот опфатен со извештајот поврзан со политичките критериуми, се вели во Извештајот за напредокот на Црна Гора , јави дописникот на МИА.

-Длабоката поларизација помеѓу новото владејачко мнозинство и опозицијата траеше во текот на 2020 година и се засили во постизборниот период. „Загреаните односи и недовербата ги поттикнаа честите ескалации и дополнително ги влошија политичките поделби, вклучително и во владејачкото мнозинство, се вели во документот.

Во него се посочува дека несогласувањата меѓу извршната и законодавната власт ја забавија реформската работа. Кога станува збор за изборните реформи, извештајот заклучува дека напредокот бил бавен поради првичните одложувања и периодичните бојкоти.

-Парламентот го разреши претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) во јуни 2021 година, именувањето на нов претседател се уште се чека во парламентот. Потребни се континуирани напори за зголемување на професионалноста, транспарентноста и отчетноста на ДИК , се наведува во документот.

Понатаму се наведува дека и покрај меѓупартискиот договор сите локални избори да се одржат во ист ден, сепак правната рамка предвидува нивно постепено спроведување, што доведува до речиси постојана изборна кампања на национално и локално ниво.

Извештајот, исто така, нагласува дека недостатокот на конструктивен ангажман на сите парламентарни актери спречил значаен политички дијалог, дополнително поларизирајќи го политичкиот пејзаж.

Владејачкото мнозинство, се вели во извештајот за Црна Гора, честопати иницираше или донесуваше закони по забрзана постапка, без потребните јавни консултации и без соодветно разгледување на условите за пристапување во ЕУ.

Се наведува дека составот на сегашниот парламент е „без преседан“ во историјата на Црна Гора.

-Парламентот досега не беше во можност да го обезбеди потребното 2/3 мнозинство за важни назначувања на судии, така што клучните функции на судскиот систем продолжуваат да се исполнуваат врз основа на в.д судии, се вели во извештајот.

Преговарачката структура на Црна Гора со ЕУ, според извештајот е значително ослабена со оставка или разрешување на 110 членови, вклучувајќи преговарачи од 16 поглавја и 24 раководители на работни групи, додека некои клучни министерства „не покажаа доволно посветеност и конструктивен ангажман во процесот на пристапување кон ЕУ во рамките на нивниот нов лидерство “.

Црна Гора останува умерено подготвена за спроведување на придобивките и европските стандарди во областа на правдата и основните права и генерално постигна ограничен напредок, со ограничени резултати во однос на одговорноста.

Сепак, се забележува дека не е постигнат напредок во областа на правдата, а спроведувањето на клучните судски реформи стагнира.

-Решителната политичка определба потребна за деблокирање на важни сегменти од овие реформи се уште е неисполнета, а голем број судски именувања чекаат во парламентот поради неможноста да се обезбеди квалификувано мнозинство, се вели во документот.

Во извештајот е нагласено дека Црна Гора е умерено подготвена во борбата против организираниот криминал. Притоа се наведува дека бројот на предмети за организиран криминал што се истражени и обработени продолжува да расте, а бројот на предмети што се судени во судовите е скоро тројно зголемен.

Меѓународната полициска соработка е добро воспоставена и продолжува да дава резултати, со невидени заплени на дрога во странство.

Сепак, капацитетот за справување со шверцот со тутун и перење пари се уште не е на очекуваното ниво.

Црна Гора според ЕК се уште треба да одговори на некои системски недостатоци во нејзиниот систем на кривична правда, вклучувајќи го и начинот на кој се постапуваат предметите за организиран криминал во судовите.

Во документот се посочува дека и покрај попроактивниот пристап на Антикорупциската агенција, корупцијата останува широко распространета во многу области и е причина за загриженост.

-Потребна е силна политичка волја за ефикасно решавање на ова прашање, како и силен одговор на кривичната правда за корупција на високо ниво“, се вели во документот.

Што се однесува до основните права, Црна Гора продолжи да ги исполнува своите обврски согласно меѓународните инструменти и законот за човекови права, но предизвиците остануваат во обезбедувањето ефективна имплементација на националното право за човекови права. Има ограничен напредок во областа на слободата на изразување.

Така, се наведува дека имало некои нови случувања во истрагата за убиството на истражувачки новинар во 2018 година, но останува да се обезбеди целосен и ефективен судски мониторинг на овој случај и други важни стари случаи.

Според Комисијата од Брисел, потребни се дополнителни напори за да се ограничат ефектите од дезинформации и сајбер -малтретирање и говор на омраза, истовремено осигурувајќи дека таквите мерки нема да ја ограничат несразмерно слободата на изразување.

Медиумската сцена во Црна Гора останува високо поларизирана, често обележана со политички пристрасни и неурамнотежени известувања, вклучувајќи го и високото учество на странските медиуми од регионот, што беше особено забележливо во изборните периоди. Механизмите за саморегулација се се уште слаби , се вели во документот на ЕК, кој официјално ќе биде претставен попладенво пред Европскиот парламент во Стразбур.