Досега ниту една политичка партија нема поднесено приговор до Општинската изборна комисија-Штип. Претседателот на ОИК-Штип, Виктор Вацев вели дека синоќа во 22 часот се доставени записниците од комисијата до Државната изборна комисија.

-До комисијата засега не се доставени приговори од ниту една партија, ниту во писмена, ниту во електронска форма. Сите податоците се обработени и доставени до ДИК, сега ќе ги чекаме роковите и наредната недела Штип и официјално ќе има нов градоначалник, изјави Вацев.

Од 42 045 избирачи на 80 избирачки места во Штип, гласале 24 134 или 57,40 проценти. Иван Јорданов од ВМРО ДПМНЕ има 13 085 односно 54,22 отсто гласови од граѓаните кои го искористиле своето право на глас.Сашко Николов од СДСМ има 9210 гласови, потоа следува Ванчо Санев од коалициајта на ДОМ и ЛДП со 401 и Симон Поликарп од Интегра со 290 гласови.

Според првичните анализи на ОИК, во штипскиот Совет 13 советници има ВМРО ДПМНЕ, девет СДСМ и еден Левица.

Уверинијата за градоначалник и новите советници во Советот на Општина Штип се очекува да бидат врачени на почетокот на наредната недела. Во текот на денот претставници на ДИК треба да ги земат и куферите со апаратите за отпечаток на прст.