Градот Скопје ќе иницира изработка на меѓународен проект за првиот градски информатичко-иновациски парк во државата – Скопје ИНОПАРК.
На повеќе од 7000 метри квадратни корисна површина, сместен во непосредна близина на градот, овој парк ќе претставува простор на современа и иновативна инфраструктура, наменета за развој на високотехнолошки компании и креативни тимски работни процеси. Идејата на овој проект е да се овозможи научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на старт-ап претпријатија, но и привлекување на ИТ гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила од пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри (R&D), позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан, но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница.
МАПА НА ИНВЕСТИЦИСКИ ЗОНИ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ
Индустрискиот капацитет кој е на располагање во економските зони во општините во градот Скопје има потреба од апликативно аналитичко мапирање на своите капацитети. Мапирањето ќе се спроведува согласно со Генералниот и Деталните урбанистички планови како стратешки планови на градот. Со овој проект ќе се зголеми ефикасноста при промоција на зоните и определување на нови потенцијални подрачја за стратешките инвеститори, посебно во подрачјата во општините каде има деловно опкружување погодно за претприемништво и нови можности за инвестиции.
Заедно со меѓународен тим експерти, националните стопански комори и други чинители, градот Скопје ќе отпочне со развој на локални политики за привлекување странски инвеститори. Ќе организираме годишни деловни форуми за промоција на Скопје како одлична инвестициска дестинација. Ќе изработиме стратегија и акционен план кои ќе ги предвидат правците за развој на нови форми на соработка во насока на привлекување странски инвеститори и обезбедување соработка со домашни компании и пласман на нивните производи на светски пазари.
ПОДДРШКА НА ПОСТОЈНИТЕ ЕКОНОМСКИ ЗОНИ И ПРОЕКТИРАЊЕ НОВИ
Новата градска власт ќе работи на воспоставување меѓусебен дијалог и подобрување на инфраструктурата (комунална, сообраќајна), услугите во градот, полесни административни процедури, пристапноста во зоните и други погодности. Во соработка со општините во Градот, ќе предвидиме и проектирање на нови економски зони, кои ќе бидат центри на висока технологија, иновации и нови информациски достигнувања.