Културно-уметничкото друштво „Бајрам Шабани“ од Куманово организира тридневен фестивал насловен „Балкан Фест Куманово 2021“ на кој ќе настапат културно-уметнички друштва од повеќе држави од регионот, информираше денеска претседателот на културно-уметничкото друштво, Дритон Рамадани.

Фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, ќе трае три дена – 22, 23 и 24 октомври, и сите фестивалски вечери почнуваат од 18 часот.

– За првпат се организира ваков настан од балкански размери. На фестивалот ќе учествуваат културно-уметнички друштва од државата, Црна Гора, Косово, Србија, Албанија, Турција и БиХ, изјави Рамадани.

Фестивалот има натпреварувачки карактер, стручна комисија ќе го оценува настапот на учесниците, по што ќе бидат доделени награди.

– Куманово како мултиетнички град ги соединува сите балкански земји, кои ќе имаат можност да ја презентираат културата, традицијата, рече Рамадани.

Секоја вечер ќе настапат по седум културно-уметнички друштва со дваесетминутна програма. Организаторите ги поканија кумановци да го проследат фестивалот и да уживаат во играта и музиката на балканските народи.