Во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, младата пејачка од Скопје Илина Митревска ќе одржи концерт со музичка придружба на пијано од Дилек Реџеп.

– Концертот содржи широк спектар на дела од барокот до класиката, веризмот, романтизмот, со акцент врз бел-канто пеењето. Во богатиот репертоар на солистичкиот концерт се застапени композиции од: Волфганг Амадеус Моцарт, Џовани Паизиело, Мауро Џулиани, Џузепе Верди, Фредерик Шопен, Џакомо Пучини, Георг Хендел, Сергеј Рахмањинов, Антонин Дворжак, информираат од КИЦ.

Илина Митревска е дваесетгодишна соло пејачка од Скопје. Студира на Конзерваториумот „Џузепе Тартини“ во Трст, Италија, под менторство на Белканто мајсторот – Лоренцо Регацо. Средното образование Митревска го завршила во Музичкото училиште во Скопје, при одделот за соло пеење, во класата на професор Гонца Богоромова Краповски, воедно како дел од вокалната академија на професорите Ана и Игор Дурловски.

Интензивно работи со првенецот на Националната опера и балет, тенорот, Ѓорѓи Цуцковски, како и првенката Славица Петровска Галиќ. Има солистички настапено со Филхармонијата, како и солистички концерт во Софија, под диригентската палка на маестро Христо Христов, настап на Скопско лето и Звуците на Чаршијата. Има освоено голем број награди во Северна Македонија, Бугарија и Србија.


Администратор
21/10/2021 10:06