Скопје треба да стане модерен град со брз развој на дигиталните технологии – од една страна како сервис за своите граѓани, а од друга со нудење можности за развој на дигитални бизниси и поширок општествен развој. Оптимално и безбедно користење, одржување и развој на информатичките и комуникациските технологии во секојдневното работење на администрацијата на Град Скопје, како сервис на граѓаните и деловната заедница и координација на развојот и унапредувањето на системот за управување со квалитет на Град Скопје, се приоритет на новата администрација во градот.
Интегрираниот и транспарентен систем за управување со финансиите, системот за електронско управување со документи и Дигиталната Архива на Град Скопје ќе нудат ефикасни решенија за граѓаните, брзо и без застој и чекање.
СТРАТЕШКИ ПРОЕКТ: SMART СКОПЈЕ
Скопје можеме да го направиме паметен дигитален град.
Планираме сеопфатна дигитална инфраструктура преку проширување на опфатот на бесплатно достапен јавен wifi интернет во сите паркови и јавни простори, проширување на оптичката мрежа во градот, паметни системи за наводнување и осветлување на јавните простори. Секако, инфраструктурата не значи ништо доколку немаме и дигитални услуги. Затоа предвидуваме овозможување сеопфатни дигитални услуги преку open data системот, интерактивен портал за градски услуги и електронско предлагање иницијативи и политики. Со мобилна апликација за услуги на Град Скопје, на скопјани ќе им се обезбеди лесен, економичен, прифатлив и еколошки пристап до решенија за сите нивни потреби.
СИТЕ УСЛУГИ ОД ГРАДОТ СКОПЈЕ ПО ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТ
Ќе ги дигитализираме сите услуги и информации за граѓаните. Истите ќе ги направиме лесно достапни и едноставни за користење. Ќе работиме на трансформација на градската управа во ефикасна, паметна управа која е отворена и ориентирана на давање услуги на граѓаните, правните
лица, државни и јавни институции, во најбрз можен рок.
Овој проект е значаен за поедноставување на добивањето услуги, но и борбата со бирократските бариери и корупцијата.
Во состав на овој проект се предвидени алатки за директна комуникација на граѓаните со градоначалникот, каде можат да се пријават нерегуларности со цел стекнување доверба за транспарентност, отвореност и достапност.
СТАТУС НА МОЈОТ ПРЕДМЕТ
Градот мора да развива систем со кој граѓаните и стопанството во градот ќе го знаат статусот на решавање на нивните предмети поднесени во архивата на Град Скопје, преку лесно достапна корисничка апликација на градскиот портал, како и преку смс и емаил. Во таа смисла
предвидуваме, постојана двонасочна комуникација со граѓаните преку известување за документи кои се готови, нивна достава или потсетување за обврските за одреден период, уплати кон Град Скопје и испраќање персонализирани или сервисни смс известувања до граѓаните.
SKOPJE SMART CARD
Новата градска власт ќе обезбеди повеќенаменска картичка за сите видови услуги со цел да се обезбеди интегрирана урбана мобилност и полесно функционирање во сите видови сообраќај на подрачјето на Град Скопје (паркинг-услуги, изнајмување велосипеди и институциите под надлежност на Град Скопје).
УПРАВУВАЊЕ СО ПАРКИНГ МЕСТА ПРЕКУ КОНТРОЛЕН ЦЕНТАР НА ГРАДОТ
Добивање информација во реално време за слободни паркинг места во град Скопје. Граѓаните ќе ги добиваат информациите преку поставени информативни табли на повеќе локации на булеварите кои гравитираат кон центарот на градот или преку мобилната апликација.
МОДЕРЕН ЦЕНТАР ЗА СООБРАЌАЈ (ЦУКС) И НОВИ СООБРАЌАЈНИ СИСТЕМИ
Преку воведување на поголем опфат на крстосници кои ќе спаѓаат под Центарот за сообраќај, очекуваме да го намалиме времето на транзитирање низ градот и контрола на јавниот транспорт. Воедно, ќе се води сметка за ажурирање на сообраќајниот режим со цел пренасочување на сообраќајот на други понефреквентни булевари за јавниот превоз.
БЕЗБЕДНИ ПЕШАЦИ: ПРЕКИНУВАЧИ НА СЕМАФОРИТЕ ЗА НАЈАВА НА ПЕШАЦИ
Преку претходно мапирање на клучните точки, на семафорите каде се наоѓаат пешачки премини со помала фреквенција на пешаци, ќе воведеме прекинувачи за полесно и побезбедно преминување на улиците