„Важноста на земјоделските задруги и идни активности за развој на задружното движење во Република Македонија“ е темата на денешниот завршен настан од проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“.

Целта на проектот е да се зголеми конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги. Вкупниот износ на проектот е 1,98 милион евра. Финансиски е поддржан од Европската Унија и спроведен од CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП).

CARE и МРФП ќе ји претстават конечните достигнувања на проектот. Меѓу другото, резултатите вклучуваат: подобрување на правната рамка која го регулира формирањето и функционирањето на земјоделските задруги; зајакнување на улогата на чадор-организацијата на земјоделските задруги; подобрување на улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за следење на перформансите на земјоделските задруги преку креирање посебен софтвер; подготовка на Стратегија за МЗШВ за развој на земјоделските задруги (2022-2028) и презентирање на инвестициите од проектот во рамките на грантовата шема за 18 земјоделски задруги низ целата земја.

На настанот ќе учествуваат претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, граѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.

Најавени се обраќања на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, програмскиот менаџер Делегација на ЕУ Константинос Супилас, регионалната директорка на CARE Сумка Бучан, извршниот директор на МРФП Лазар Неданоски и претседателката на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, Сузана Димитриевска.


Администратор
22/10/2021 10:25