Во Салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј – Куманово вечерва во 19:30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот уметник Никола Пијанманов, под работен наслов „Изгорена земја“, информираа надлежните од галеријата.
На изложбата ќе бидат презентирани повеќе од 50 ликовни дела работени во текот на 2020/2021 година во техника акрил на медијапан и платно. Тематски, изложбата преку повеќе ликовни циклуси го отсликува актуелната состојба на човекот, неговото страдање во времето на пандемијата која сè уште трае.
– Завршил ФЛУ во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин во 2005 година. Од тогаш па се до денеска својот придонес активно го дава не само во областа на ликовната уметност, туку во неговиот творечки пат се проткајуваат повеќе реализации во повеќе културни сфери. Освен повеќето самостојни изложби од 2007 година па сѐ до денеска, учества во групни домашни и интернационални ликовни проекти, се издвојуваат неколку сликарски проекти во театарски претстави, потписник е на неколку сценографии, има изработено авторски плакати, уредник е на монографии, организатор и куратор на повеќе изложби, работи фрескоживопис во неколку цркви, како и автор е на неколку монументални јавни дела: слики, скулптури и мурали во Македонската опера и балет, градски парк Струмица, фоајето на Општина Струмица и секако муралите на две фасади на згради во родниот град, истакна кураторот на изложбата, Драгана Спасковска од НУ Музеј Куманово.