Се продлабочува кризата во редовите на најголемата албанска опозициска па ртија, Демократската, по одлуката на партискиот лидер Љуљзим Баша за исклучување на Сали Бериша од пратеничката група.

Бериша, кој е почесен претседател на партијата, поранешен шеф на државата и експремиер, Баша го исклучи по барање на амерканската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, од причини што Бериша во мај беше прогласен за „персона нон грата“ во САД.

По оваа одлука, Бериша, поддржан од повеќе пратеници и голем број сопартијци почна кампања за поддршка за свикување вонредна седница на Националното Собрание на партијата, најавувајќи ја кандидатурата повторно да застане на чело на партијата.

Баша денеска одржа средба со пратеничката група, по која пратеникот Фламур Нока, кој е поддржувач на Бериша, изјави дека побарал од Баша да признае дека партијата е во длабока криза.

Најави дека Бериша во текот на оваа седмица ќе го објави датумот на одржување на Националното собрание, како највисок орган на партијата на кое ќе се избира нов лидер додавајќи категорично дека никој не може да го спречи тоа.

Веднаш реагираше Баша велејќи дека „интересот на Албанците е примарен и ПД им служи на овие интереси“, упатувајќи јасна порака дека „никој не може да ги користи демократите за топовско месо“.

-Над сите интереси е оној на Албанците, ПД ќе им служи на овие интереси, демократите не можат да се користат како топовско месо, рече Баша.