Амбасадата на Република Словенија денеска подари традиционален словенечки пчеларник на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Под мотото „Пријателството е таму каде што се пчелите“, настанот што се случи во единицата Институт за ориз во Кочани го истакна значењето на пчелите во зачувувањето на природата и словенечката поддршка на македонското пчеларство.
– Ја предаваме оваа симболична донација во чест на Светскиот ден на пчелата, кој од декември 2017 година се одбележува по иницијатива на Словенија. Смислата на овој ден не е само да се сврти вниманието кон овие значајни суштества во нашиот секојдневен живот, туку тоа е поттик за дебата за нашето однесување кон планетата – да размислуваме за тоа како да ја јакнеме свеста против климатските промени. Пчеларството може да ги поврзува Словенија и Македонија, истакна во своето обраќање словенечкиот амбасадор Милан Предан.
Боштјан Ноч, претседател на Пчеларската асоцијација на Словенија, ја изрази подготвеноста за пренесување искуства и знаења на македонските пчелари.
– Пчеларството и неговиот развој во Источниот Регион е од особено значење за зачувување на природата и биодиверзитетот. Климатските промени и луѓето ја загрозуваат пчелата, а во пчеларството наоѓаме баланс меѓу човештвото и природата. Поддршката од Словенија ни е посебно значајна, а за нас е многу важна и соработката со науката преку Земјоделскиот институт, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Министерот за земјоделство Трајан Димковски изрази подготвеност за сериозна и одговорна мисија за заштита на пчелите и сѐ поголем развој на пчеларството.
– Министерството за земјоделство го препозна значењето на пчеларството и во изминатите четири години, воведе неколку подобрувања кои поволно влијаеја кај пчеларите и стимулираа зголемување на интерсот, особено кај младите земјоделци и кај руралните жени. Со воведувањето на законската рамка за продажба од куќен праг, пчеларите се стекнаа со можност на легален начин да го продаваат медот и пчелните производи. Внимававме да бидат соодветно стимулирани и оние пчелари кои произведуваат органски мед, а и оние чии кошници со пчели се поставени на повисоките места, во подрачја со ограничени можности, рече Димковски.
Предавањето на традиционалниот словенечки пчеларник се организираше со поддршка од здружението Јадрена група на пчелари „Меден исток“ од Кочани.