Претседателката на ОИК Кисела Вода, Татјана Алексовска Сапунџиоска, денеска им ги врачи уверенијата на новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на членовите на Советот на општината.

Како што соопштија од Општината, по примањето на уверението, Ѓорѓиевски се обрати пред присутните, заблагодарувајќи се на сите кои му ја дадоа довербата. Тој ја истакна својата интенција за раководење на општината на транспарентен и чесен начин, во интерес на граѓаните, заеднички со Советот, за кој изрази надеж дека ќе функционира одлично и покрај неговата политичка шареноликост.

–Благодарам за успешно спроведениот изборен процес. Сакам да нагласам дека без разлика што во Советот имаме претставници од повеќе политички партии, се надевам дека ќе имаме плодна соработка во наредните четири години и дека ќе успееме значително да ги подобриме условите за живот за сите наши сограѓани, изјави новиот градоначалник Ѓорѓиевски.

На денешната седница, уверенијата ги примија и новите 23 советници. Мнозинството го има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“ со 12 советници, коалицијата предводена од СДСМ „Најдоброто за мојата општина“ има седум, Левица три советници, додека коалицијата ЛДП/ДОМ еден советник.

Во наредните четири години во Советот од ВМРО-ДПМНЕ и „Обнова на Македонија“ ќе бидат Иван Живковски, Светлана Колариќ, Игор Трпевски, Николче Николовски, Татјана Нанкова, Горан Манасијевски, Никола Илиевски, Иван Митровски, Aрсена Глигорова, Лидија Малинковска, Стефан Стефановски и Тања Анчевска. Од коалицијата предводена од СДСМ: Емилија Трајковска, Тодор Костадиновски, Симона Јовевска, Владимир Грујовски, Бојана Ацева, Дарко Филиповски и Елизабета Стефковска. Oд “Левица”: Теодор Трпевски, Донче Мишовски и Златица Жантевска-Пејиќ, и Јане Петковски од коалицијата ЛДП/ДОМ.

Претседателката на ОИК-Кисела Вода, Татјана Алексовска Сапунџиоска, на градоначалникот и на советниците им го честита изборот и им посака успешна четиригодишна работа, наведуваат од Општина Кисела Вода.