Досегашниот градоначалник на Свети Николе, Сашо Велковски денеска му ја предаде градоначалничката функција на неговиот наследник Дејан Владев.
Велковски на својот Фејсбук профил објави дека Општина Свети Николе ја остава во одлична финансиска состојба со салдо од 41,6 милиони денари, од кои 25 милиони денари на редовната сметка и 16,6 милиони денари на наменската сметка за институциите под ингеренција на локалната самоуправа.
– Предадени се вкупно 39 проекти од инфраструктурата со целосно изготвена техничка документација. Дел од овие проекти се во тек на реализација во Одделението за јавни набавки, меѓу кои и затворениот пливачки базен – фаза 1, како и изградбата на балон сала за учениците во ООУ „Даме Груев", за кои се обезбедени и финансиски средства од сопствени извори, наведе Велковски.
Тој на новоизбраниот градоначалник Владев му посака успешна и плодна работа и реализација на проектите за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.
– Ја користам приликата да им го честитам и изборот на новите советници во Советот на Општина Свети Николе, вели Велковски.