Албанската Влада го претстави Предлог-буџетот за 2022 година, опишан како буџет за закрепнување, во кој се предвидува економски раст од 4,1 отсто и дефицит од околу 800 милиони евра.
Во документот, што веќе е доставен до Собранието, се очекува нивото на приходи да достигне 537 милијарди лека или околу 4,4 милијарди евра, а буџетските расходи да достигнат 637,6 милијарди лека, околу 5,2 милијарди евра.
Буџетскиот дефицит, односно разликата меѓу приходите и расходите или околу 800 милиони евра се очекува Владата да го покрие преку задолжување, за што на почетокот на следниот месец на меѓународниот пазар ќе издаде обврзница во износ од 700 милиони евра.
Следната година се предвидува намалување на јавниот долг на ниво од 78,9 отсто, по неговото зголемување на 80 отсто проектирано до крајот на 2021 година.
Според Владата, зголемувањето на приходите ќе се заснова на позитивното остварување на економската активност во државата, добрата фискална администрација како и на намалувањето на неформалноста во економијата.
Што се однесува до буџетските расходи, тие ќе поддржат голем број јавни инвестиции насочени кон процесот на реконструкција и други инфраструктурни проекти во изградбата на патишта, аеродроми, инвестиции во водовод и канализација и други сектори.
Меѓудругото, Предлог-буџетот за 2022 година предвидува зголемување на платите на просветните и здравствените работници, полицајците, примањата на пензионерите, а се предвидува и бонус за пензионерите на крајот на годината.