Градоначалничката Наташа Петровска изврши увид во реконструкција на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, во која се интервенира и уредуваат училниците и наставните кабинети.
Гимназијата „Јосип Броз Тито“ е репрезетативен, културно-историски важен објект за чија реконструкција локалната самоуправа обезбеди 10,5 милиони денари, информираа од Општина Битола.
-Во рамки на проектот се врши замена на дрвената надворешна столарија, замена на електричната инсталација, спуштање на таваните и поставување ново лед осветлување, ѕидовите се обложуваат со нов малтер, се врши санација на подовите во училниците, а во ходниците се поставува нов под. Ваков голем зафат во внатрешноста на училиштето не е направен повеќе децении. Паралелно со реконструкцијата, набавена е нова ИКТ-опрема во вредност од 2,8 милиони денари, која содржи лаптоп-компјутери за наставниот кадар и нова опрема за кабинетот по информатика, која ќе биде поставена по реконструкцијата на училиштето. Претходно, со средства од Општина Битола во вредност од 600.000 денари, беа набавени нови клупи и столчиња, соопштија од секторот за односи со јавност.
Градоначалничката Наташа Петровска за време на посетата на гимназијата се обрати и на еко-настан посветен на Светскиот ден на градовите, организиран од Еко одборот при СОУ „Јосип Броз Тито“-Битола.