Центарот за анализа и маркетинг во Софија објави сопствена предизборна анкета за претседателските и парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември. Како што јави дописникот на МИА од Софија, три недели пред изборите во новото 47. Народно собрание на Бугарија би влегле шест политички партии, со шанса да влезе и седма.
Коалицијата ГЕРБ-СДС ќе добие 22,3 отсто и ќе води со седум отсто пред коалицијата на двајцата поранешни министри во преодната влада на Бугарија, Кирил Петков и Асен Василев „Продулжаваме со промената” која би добила 15,8 отсто од гласовите, претркувајќи ја БСП, која сега би осовила 15,1 отсто. Четвртата политичка сила засега е партијата на Слави Трифонов, „Има таков народ” со 12,3 отсто, потоа „Демократска Бугарија” на Христо Иванов со 11,8 итсто, а шесто е Движењето за права и слободи со 10,3 отсто.
Според директорката на агенцијата, Јули Павлов, кој ја спроведе анкетата, коалицијата на Маја Манолова „Стани БГ! Доаѓаме!” со 3,2 отсто популарност меѓу бугарските избирачи, популистичката и проруска партија „Преродба” со 2,5 отсато и ВМРО со 1,2 отсто засега не го минуваат цензусот за влез во парламентот.
Павлов коментираше дека да се биде прв не значи да се биде победник. Или ако некој го протолкува како победа, тоа ќе биде пирова победа. Структурата на новиот бугарски Парламент не би се разликувала од онаа на претходните парламенти.
Засега 52 отсто од гласачите во Бугарија се решени да гласаат на 14 ноември, а сигурно ќе гласаат помалку од 50 отсто. Таа посочи дека бројот на гласачи во странство е драстично намален на само 100 – 150.000, за разлика од претходните избори на 11 јули.
-Вистинските гласачи се оние во Бугарија, додаде Павлов.
Во однос на претседателските избори, Јулија Павлов е децидна дека ќе има втор круг и дека вториот круг на 21 ноември ќе биде меѓу Румен Радев и проф. Анастас Герџиков.
Анкетата е спроведена меѓу 815 лица во периодот од 22 до 26 октомври преку методот „лице в лице” и не е нарачана од ниту еден политички субјект и е со сопствено финансирање.