Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека продолжувањето на косовско-српскиот дијалог на лидерско ниво, односно одредувањето датум на неговата следна средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, зависи од Европската унија, со чие посредништво се одвива дијалогот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното обраќање пред новинарите пред почетокот на владината седница, Курти рече дека средба меѓу претставници на двете држави во Брисел можно е да има во втората половина на идниот месец.
– Што се однесува до претставниците на двете држави, средбата може да се случи некаде во втората половина на ноември, додека што се однесува до водачите на државите нема некој датум и тоа во голема мерка зависи од олеснувачите, односно од високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и неговиот емисар, Мирослав Лајчак, рече Курти.
Осврнувајќи се на спречувањето од страна на српските власти на косовските боксери да учествуваат на светското првенство во бокс, кое се одржува во Белград, косовскиот премиер рече дека и тоа е еден од проблемите кои „ќе се адресираат во Брисел”.
– Како прво, со блокирањето што им го направи на граница на нашите боксери, Србија само го покажа своето вистинско лице за оние кои можеби имале дилеми. Сите овие прашања ќе се адресираат во Брисел, бидејќи ние сме во редовна комуникација со нив преку преписки, рече Курти.
Светското првенство во бокс во српската престолнина се одржува од 24 октомври до 6 ноември, а косовската репрезентација беше вратена од граница поради државните симболи на нивната спортска опрема. Протест до организаторот на шампионатот упати и Меѓународната боксерска федерација, меѓутоа српските власти и при повторниот обид на косовските боксери да отпатуваат за Белград не им дозволија влез во државата.