Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германски „Меркур” оценува дека „заради нејзината безбедност, на ЕУ и е потребен Западен Балкан”.

-На ЕУ и треба Западен Балкан заради сопствената безбедност. Нема смисла да има внатрешна граница со нас. И воопшто нема смисла да го оставиме нашиот регион под влијание на други, вели Рама.

Тој одговара и на прашањето дали мисли на Кина и на Русија.

-Тие се само видливиот дел. Не заборавајте дека во регионот живеат христијани и муслимани. Би било лудост да се остави Западен Балкан отворена врата за радикализација и тероризам. Дојде време ЕУ да го разбере ова, смета Рама.

На констатацијата на новинарот дека тензиите во регионот растат, при што посочува дека Србија поставила блиндирани возила на границата со Косово, шефот на абанската Влада вели дека „тоа не може да се спореди со тензиите од претходните времиња”.

-Но, тоа не може да се спореди со тензиите од претходните времиња. Тоа се поврзува и со фактот дека поранешните противници денеска сакаат сите заедно да влезат во ЕУ, рече Рама.

Воените конфликти настануваат кога државите се изолирани, а не кога се во една заедница. Сетете се на позитивните случувања што ги донесоа француско-германските односи или случајот со Ирска. Ризикот ЕУ да внесе конфликт внатре во домот е мал, вели Рама.

Некои во регионот стравуваат дека сакате да се обедините со Косово за да создадете Голема Албанија, го прашува новинарот, на што тој вели дека „ваквите игри на мислења се поверојатно надвор отколку внатре во ЕУ”.

Осврнувајќи се на влијанието на канцеларката Ангела Меркел во регионот, Рама вели дека ретко сретнал личност која толку добро го познава Западен Балкан и неговите проблеми, додавајќи дека ќе и недостига на регионот и Европа во целина.

Тој исто така се задржува и на состојбата со приемот на Авганистанци, при што вели дека до сега во земјата приситигнале 2.000.

-Ветивме дека може да примиме 4.000. Тие пристигнуваат секоја недела. Во мојата земјава нема дискусија, дали е добро или лошо. Се работи и за самопочит, вели Рама за германски “Меркур”.