Состојбата со Ковид-19 во Кичево не е најдобра и од ден на ден се поголем број граѓани се тестираат или прават ренген снимки, бројката на хоспитализирани во модуларниот ковид центар редовно е двоцифрена, а има и шест болни кои се хоспитализирани на скопските клиники, информира директорот Станко Трпески.
Посочи дека за разлика од претходните триесетина дена кога состојбата со Ковид-19 била поволна, последната декада бројот на пациенти кои се тестираат и лицата кои се снимаат на ренген е се поголем.
-Така, дневно се тестираат од 15 до 20 лица, а слична е бројката и на пациенти кои прават ренген снимки. Во модуларниот ковид центар моментално се згрижени 11 пациенти и секојдневно бројката на згрижени пациенти е двоцифрена и не се намалува.Сите пациенти што се згрижени во модуларниот ковид центар се на кислородна поддршка. Покрај во нашиот ковид центар, од нашиот град имаме и шест пациенти кои со нешто потешка клиничка слика се хоспитализирани на скопските клиники. Овие пациенти иако се со нешто потешка клиничка слика , се навор од животна опасност, нагласи Трпески.
Тој е се повеќе загрижен од малиот интерес за вакцинација кај граѓаните, што може да предизвика забрзано зголемување на новозаболени со Ковид-19.
-Во последно време сведоци сме на се помал интерес кај граѓаните за вакцинација, што може да биде реална опасност за зголемен број на новозаболени .Апелирам до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, и ако не се вакцинирани задолжително да се вакцинираат и на тој начин да се заштитат од можна зараза со ковид 19.Што се однесува до третата вакцина , неа во најголем број ја примија здраствените работници од градот, додека граѓанството се уште е во дилема дали и кога да прими трета вакцина, оцени директорот.