Во рамки на проектот „Редовно на часови – Акција за вклучување на Ромите во основното образование“, во Делчево е реализирана едукативна работилница за запознавање на учениците

Заменик-директорката на деветтолетката „Ванчо Прке“ Маријана Стоименовска информира дека активноста се реализираше во соработка со Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево.

-Работилницата ја водеше самостојниот уметник за фолклорни претстави Зенил Реџепов, кој е и координатор и кореограф на КУД „Гоце Делчев“. Реџепов на многу креативен, поттикнувачки и спонтан пристап ги мотивираше учениците да ја доживеат убавината на македонската и ромската народна песна и везот и карактеристичната креација на македонските и ромските народни носии, рече Стоименовска.

Во проектот, како што додаде Стоименовска, се вклучија и родителите кои помогнаа во разубавување и декорација на ѕидното катче за новата мултиедукативна библиотека, која е опремена со мебел и дидактички нагледни средства од проектот.

-Мултиедукативната библиотека ќе биде наменета за учениците од одделенска настава, како нивно катче за забава, дружење и реализација на многу едукативни работилници, додаде Стоименовска.

Вакви работилници, според планираното ќе се реализираат и во наредниот период, а целта како што додаде Стоименовска е училиштето да биде активно и да реализира голем број наставни активности и содржини во наставниот процес, кои ќе ги поттикнуваат учениците да творат по разни теми.