Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) денеска го одржа своето редовно 21-во Генерално собрание на кое беа презентирани стратешките определби на Комората за периодот 2021-2023, како и активностите кои ја одбележаа оваа година.

Собранието го отвори претседателот на Одборот на директори на АмЧам, Маја Филипчева, осврнувајќи се на активностите на АмЧам за зајакнување на регионалната соработка и зголемувањето на потенцијалните деловни можности со земјите од нашето непосредно опкружување како основа за просперитет и економски раст во рамките на евроатлантското партнерство.

Филипчева ја најави првата трговска мисија која АмЧам Северна Македонија и Американско–грчката стопанска комора ја организираат со поддршка на Амбасадите на САД во Скопје и Атина. Трговската мисија ќе се одржи на 22 и 23 ноември во Скопје.

-Целта на трговската мисија е да се претстават можностите за инвестирање во Северна Македонија како и да се организираат директни средби помеѓу компаниите од Грција и Северна Македонија кои дејствуваат во секторите како што се: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура, се вели во соопштението од АмЧам.

Кејт Мери Барнс, амбасадор на САД во Република Северна Македонија, се обрати на Собранието како почесен гостин, при што и честиташе на Комората за нејзината континуирана посветеност кон дигитализацијата, корпоративната општествена одговорност и регионалната соработка, дури и во услови на пандемија. Амбасадорката истакна дека транспарентноста, предвидливоста и креирањето на еднакви услови за работа на сите овозможува приватниот сектор да се развива и да креира нови соодветни работни места за талентираните млади лица од Северна Македонија.

Во рамките на Генералното собрание беа претставени активностите на двата постоечки комитети: комитетот за Дигитална трансформација и комитетот за Законодавство и имплементација, а на иницијатива на членките беше најавено и формирањето на комитетот за ESG (Environmental, Social and Governance).

Како и секоја година, во рамките на работниот дел на Собранието се гласаше за прием на нови членки на Комората, за разгледување на предложените промени во Статутот на комората како и за избор на нови членови на Oдборот на директори. Со акламација, за втор мандат беа избрани: Драган Давитков, директор на PwC Северна Македонија, Иван Костиќ, директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Јордан Димитровски, директор на Аитоникс.

На Собранието присуствуваа 54 од вкупно 130-те членки на Комората.

АмЧам Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на САД и активен член на АмЧам Европа – организација која вмрежува 46 американски стопански комори кои претставуваат повеќе од 17.000 американски и европски компании, вработувајќи 20 милиони работници и учествуваат со инвестиции од повеќе од 1,1 трилиони долари од двете страни на Атлантикот.