Заплашувањата, црната кампања и масовниот поткуп кој го организира власта за време на целиот изборен циклус ја покажува нивната беда, очај и страв од катастрофален пораз на изборите, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вечерва од Битола.
- Кога мислат дека со пари можат да купат некого за да гласа за нив всушност покажуваат на колку ниско ниво се паднати и колку не се ценат ни самите себе. Всушност размислуваат така бидејќи и нив некој цел живот ги купува. Но доаѓа времето кога на тоа се става точка. Затоа ги повикувам сите граѓани на голема, масовна и референдумска излезност во недела. Само на тој начин можеме да ги смениме работите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски додава и дека стратегијата на власта со црните кампањи е граѓаните да останат дома, да бидат разочарани и да мислат дека сите се исти.
- Поддршката од граѓаните на 31-ви октомври ќе значи поттик за нас уште во понеделник да одиме во Македонското Собрание и да работиме на ново парламентарно мнозинство односно на рушење на оваа ненародна власт, додаде Николоски.