Штипските пожарникари, кои се членови на независниот синдикат на пожарникари на Македонија денеска имаа средба со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Тие на средбата порачаа дека не бараат покачување, туку почитување на членот 13 од Законот за пожарникарство, кој предвидува дека пожарникарот треба да зема за 20 проценти повисока плата од вработените во општинската администрација со соодветно образование.
Тони Кочовски претседател на Независниот синдикат на пожарникари на Македонија вели дека проблемот е што пожарникарот се вреднува во рангот на технички општински персонал и му се додава 20 отсто за опасност, што значи дека платата не е повисока од 18 000 денари.
– Нормално дека од тоа како синдикат не сме задоволни, затоа што сметаме дека платата на еден пожарникар би требало да биде во ранг на припадник на специјална единица во МВР, зашто нашата работа е од висок ризик, вели Кочовски.
Пожарникарите посочија дека вториот проблем е недостаток на лична заштитна опрема или во најдобар случај доколку ја има е постара од 10 години.
– Се користи опрема која што е донација, односно, која претходно е носена, од не знаеме кој, додаде Кочковски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека на средбата се информирал за проблемите на пожарникарите. Прашан дали и во Штип ќе се формира доброволно друштво од волонтери пожарникари одговори дека ќе се консултираат со пожарникарите и ќе ја информираат јавноста.
Според бројот на жители, во земјава треба да има 1.395 активни професионални пожарникари, а во моментот има 850 вработени